Функција на црниот дроб

Клетките на црниот дроб – хепатоцитите имаат мноштво метаболички функции кои се овозможени од нивното богато снабдување со крв, а ги извршуваат благодарение на блискиот контакт со крвта што го овозможуваат високо пропустливите ендотелни клетки на капиларите во црниот дроб. Сите хепатоцити учествуваат во метаболизмот, односно во преработката на протеини, масти, јаглехидрати, жолчен пигмент – билирубин, жолчни киселини, витамини, минерали и некои хормони.

Црниот дроб игра особено важна улога во биотрансформацијата, односно во трансформацијата на супстанции туѓи на телото – лекови и отрови – во форми кои се безопасни за телото. Во црниот дроб, со помош на специјални ензими, тие можат хемиски да се трансформираат во помалку токсични супстанции или да се претворат во супстанции кои се порастворливи во вода и затоа полесно се излачуваат од телото преку бубрезите или жолчката.

Црниот дроб, исто така, игра многу важна улога во разградувањето на алкохолот. Тој метаболизира околу 90% од консумираниот алкохол, додека остатокот се излачува преку белите дробови и бубрезите.

Сепак, процесот на биотрансформација на алкохол, лекови и други токсини остава последици врз црниот дроб. Во текот на самиот процес, во повеќето случаи се формираат токсични метаболити, најчесто слободни радикали, кои предизвикуваат оштетување и смрт на клетките на црниот дроб.

Механизам на оштетување на црниот дроб

Зголемување концентрацијата на слободни радикали

Оштетување на клеточната мембрана

Оштетување на функцијата на клетките на црниот дроб

Смрт на клетките на црниот дроб

Откажување на црниот дроб